top of page

Како да се заштитиме од deepfake: Практични совети за дигитална безбедност

  • Writer: DT
    DT
  • Sep 28, 2025
  • 3 min read

Вештачката интелигенција (ВИ) не само што носи иновации, туку отвора и нови можности за измами. Сајбер-криминалците сега можат да креираат убедливи лажни видеа, фотографии или аудио пораки со огромна брзина. Тие можат да го копираат гласот на вашите пријатели, членовите на семејството или дури и на познати личности како актери и политичари, со цел да изнудат финансиски средствa или да промовираат лажни инвестиции. 


Deepfake содржините се појавија околу 2010 година, но јавноста почна сериозно да обрнува внимание на нив околу 2017-2018 година, кога низа познати личности беа имитирани во ВИ-генерирани видеа што добија вирална распространетост. Овие видеа го привлекоа вниманието не само на обичните луѓе и славните личности, туку и на државните институции кои сè уште бараат начин како да го зауздаат забрзаниот технолошки развој и да го постават во соодветни правни рамки. 

Засега, она што е сигурно е дека старите измамнички тактики остануваат исти, но со помош на ВИ стануваат многу поубедливи и потешки за препознавање. Еден погрешен клик или недоволно внимание може да доведе до финансиски загуби или компромитирање на доверливи информации.


Видови deepfake и измами со генеративна ВИ


1. Измами со текст и ВИ

Сајбер-измамниците користат ВИ за да создадат персонализирани phishing електонски пораки, лажни пораки на социјалните мрежи или да се претставуваат како некој друг во чат. Целта е да ве измамат да споделите лични информации или да извршите финансиски трансакции.


2. Измами со копирање на глас

Deepfake аудио e технологија која им овозможува на сајбер-измамниците да имитираат нечиј глас. Често се користи во vishing (voice phishing) повици. На пример, измамник може да се претстави како роднина во неволја или како службеник од банка, со цел да побара пари или податоци.


3. Измами со deepfake слики и видеа

Се работи за ВИ-генерирани видеа или слики кои ја копираат или заменуваат сликата на некоја личност. На пример, лажна профилна слика на социјални мрежи или видео каде некој „изјавува“ нешто што никогаш не го рекол. Овие содржини се користат за измами, манипулација или ширење дезинформации.


4. 3D deepfake и телесна манипулација

Овој вид deepfake се служи со ВИ и машинско учење со цел создавање на реалистични 3Д модели на луѓе. Со овие технологии се заменуваат или менуваат лицата и телата во видеата, додека манипулацијата на целото тело овозможува поставување на целиот лик во тридимензионален простор, создавајќи хипер-реалистични аватари.


5. Deepfake во реално време

Deepfake во реално време користи ВИ за да менува лица или гласови за време на live видео или стриминг. Ова овозможува инстантно заменување лица или уверливо менување на фацијалните изрази во живо. Иако ваквиот вид deepfake наоѓа широка примена во креативната индустрија, истовремено отвора сериозни прашања за приватноста и ризик од ширење на дезинформации.


Какви мерки можат да се преземат?
Иако технологијата зад deepfake може да се користи и за креативни и едукативни цели, во рацете на измамници таа претставува сериозна закана. Добрата вест е што со правилен пристап и свесност, бизнисите и индивидуалците значително можат да го намалат ризикот од штетни последици.

1. Како можат да се зашитат бизнисите?


Едукација и обуки на вработените

Со организирање редовни тренинзи за препознавање на лажни видеа, аудио пораки и слики. Свесноста е првата линија на одбрана.


Верификација на трансакции и барања

Со користење двофакторска автентикација и проверка на потеклото на електронските пораки или барањата за финансиски средства.


Технологија за откривање на deepfake

Интеграција на алатки кои автоматски анализираат видеа, аудио и слики за можни манипулации.


Мултиканална проверка

Потврдување на одредена информација преку телефон, електронска пошта или директна комуникација со доверлив контакт пред донесување на некоја важна одлука.


Политики за дигитална комуникација

Ограничување на споделувањето интерни видеа, презентации и лични податоци на јавни или непроверени платформи.


Кризни процедури

Подготовка на план за реакција доколку се појави deepfake напад со цел намалување на финансискиот ризик и ризикот по репутацијата на компанијата.

 

2. Како можат да се заштитат индивидуалните корисници?


Здрава доза на скептичност при примање необични пораки

Ако добиете видео или аудио порака која бара пари или лични информации, проверете ја преку друг канал.


Заштита на лични податоци и содржини

Ограничете го или бидете многу внимателни со споделувањето на лични фотографии, видеа или аудио на јавни платформи.


Користење алатки за проверка на факти

Проверувајте информации преку веродостојни извори пред да ги споделите или пред да реагирате.


Ажурирање на софтвер и безбедносни системи

Редовно ажурирајте ги вашите апликации, уреди и антивирусни програми за да ги намалите ризиците од сајбер-напади.

 
 

© 2025 Дигитална трансформација

bottom of page